24/05/2026
I nominuar nga shtëpia amë Teatri Shqiptar, Teatri Shqiptar për Fëmijë dhe të Rinj dhe Teatri i Tetovës, aktori, regjisori dhe pedagogu i mirënjohur Vebi Qerimi merr Çmimin për Vepër Jetësore në edicionin jubilar të 60të të FNT “Vojdan Çernodrinski” 🎭 👏 👏 👏
Награда за животно дело: Веби Ќерими
Веби Ќерими е истакнат актер, режисер и педагог, роден во 1955 година, во Куманово. Основното и средното образование ги завршил во родниот град. Дипломирал на Факултетот за драмска уметност – Скопје во 1979 година, во класата на професорот и режисер Љубиша Георгиевски. Во 1980 година се вработил во Албански театар – Скопје, каде што активно работел сè до пензионирањето во 2022 година. Во својата професионална кариера како актер реализирал над сто улоги. Театарската критика високо ја оценила неговата креативност во своите осврти за театарските претстави и актерството. Меѓу критичарите што пишувале за неговата работа се: Наџи Ндоци, Муса Рамадани, Лилјана Мазева, Иван Иванов, Петар Багевски и други.
Покрај актерската професија, се занимавал и со режија. Во матичниот театар ја режирал претставата „Човекот што ја виде смртта со очи“ од Виктор Ефтимиу. Во Кумановскиот театар ја режирал „Корени“ од Назми Беќири. Како независни проекти режирал десеттина претстави, меѓу кои: „Социјалистичка Ева“ (автор К. Чашуле), „Итна помош“ (автор К. Челику), „Тетката на Карл“ (автор Томас Брендон), „Полицајци“ (автор С. Мрожек), „Волпоне“ (автор Бен Џонсон).
Во периодот од 1995 до 1999 година бил ангажиран како надворешен соработник при Факултетот за драмски уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во албанската класа под раководство на проф. Љубиша Георгиевски. Од 1999 до 2011 година бил ангажиран како надворешен соработник, професор по актерска игра на Тетовскиот универзитет.
Со својата долгогодишна и плодна уметничка дејност, Веби Ќерими остава значаен и траен придонес во театарската, филмската и педагошката сфера.
Прочитајте повеќе на https://mtf.com.mk/nagrada-za-zhivotno-delo-vebi-kjerimi/