12/07/2026
Со длабока тага ја примивме веста дека почина Јелица Инадеска, пензионирана лекторка и поранешна членка на помошно-уметничкиот ансамбл на Драмски театар Скопје. Со своето знаење, прецизност и посветеност, таа со децении беше важен дел од создавањето на бројни претстави, грижејќи се за јазичната точност и чистотата на изразот.
Нејзиното име е запишано меѓу соработниците на голем број значајни продукции на Драмскиот театар, меѓу кои „Ферхад и Ширин“, „Мефисто“, „Три сестри“, „Жив човек“, „Дон Жуан“, „Жената како воено поле“, „Ангели во Америка“ и „Генетика на кучињата“. Како преведувачка е потпишана и на претставата „Вујко Вања“ од Антон Павлович Чехов, а учествуваше и во подготовката на монографијата по повод 75 години од основањето на Драмски театар Скопје, со што придонесе за зачувувањето на институционалната меморија на театарот.
Јелица Инадеска ќе остане запаметена како посветена театарска работничка, чија тивка, внимателна и неопходна работа не секогаш се гледа од гледалиштето, но се препознава во секој прецизно обликуван и точно изговорен збор. Искрено сочувство до нејзиното семејство, блиските, пријателите и колегите. Нека почива во мир.