14/05/2026
На 13 мај, во рамките на „Бејоглу филмските денови“ во Истанбул, Кинотеката на Македонија на покана на Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул (Kuzey Makedonya Kültür Merkezi) ги претстави дигитално реставрираните филмови на Браќа Манаки – првите сниматели на Балканот.
Преку автентичните подвижни слики на Браќата Манаки, публиката имаше ретка можност да се доближи до самите почетоци на филмската уметност на овие простори и да погледне во едно одамна исчезнато време, зачувано низ филмската меморија.
Пред публиката во киносалата се обратија директорот на Кинотеката, Бошко Грујоски (Bosko Grujoski) кој ја претстави Кинотеката како и филмовите на Браќата Манаки, како и директорот на Македонскиот културен центар во Истанбул, Диме Ратајкоски (Dime Ratajkoski).
Овој настан претставува уште едно значајно меѓународно претставување на македонското филмско наследство и потврда за важноста на неговото зачувување, реставрација и промоција пред светската публика.
Воедно, проекцијата беше дел и од одбележувањето на 50-годишниот јубилеј на Кинотека на Македонија – институција која веќе пет децении посветено го чува, истражува и афирмира македонското аудиовизуелно наследство.
Искрена благодарност до Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул за соработката и поддршката во реализацијата на овој значаен настан.