17/08/2026
Во чест на Јован Петров-90 години од неговото раѓање (1936-2011)
Јован Петров дипломирал на Академијата за ликовна уметност во Љубљана во 1961 година, во класата на професорите Божидар Јакац, Рико Дебењак, Славко Пенгов и Гојмир Кос. Во 1965 година станува член на Друштвото на ликовните уметници на Словенија со кои излага во Љубљана, Грац и Милано. Истата година се запишува на постдипломски студии на конзрваторскиот оддел, повторно на Академијата за ликовна уметност во Љубљана, каде работи на конзервација и реставрација на уметнички дела создадени во разновидни сликарски техники.
По завршувањето на постдипломските студии Петров се враќа во Македонија и се вработува како конзерватор во РЗЗСК, Скопје. Во 1969 година станал член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и учествувал на сите изложби организирани од страна на Друштвото.
Во 1977-78 година, како стипендист на Министерството за културни и амбиентални добра на Италија речиси две години (1977-78) се обучувал во научно-истражувачките лаборатории на Централниот институт за реставрација.
И покрај неговата професија како конзерватор на иконопис и живопис во голем број цркви и манастири во земјата, тој исто така е автор на голем број ликовни дела изработени во масло и акварел. Автор е на голем број на самостојни ликовни изложби во земјата и странство, а исто така има учествувано во голем број на групни изложби.
Автор е на фрескоживописот во Соборниот храм Св.Климент Охридски во Скопје.