25/12/2022
Премиера на претставата „Бакхи: Агава“
На 27 декември, во просторот на балетската сала при Македонскиот народен театар, премиерно ќе се одигра претставата „Бакхи: Агава“, сопоред Еврипид и Тамара Барачков.
ОД БАХАНТКИТЕ ДО АГАВА
Во „Бахантките“ на Еврипид, една од Тебанките која го прифаќа култот на Дионис — Агава, поголемиот дел од драмата го поминува „надвор од сцената“, таа е ликот за кој се зборува, а нејзиното однесување е предмет на толкување и прераскажување на останатите (машки) ликови: пред сè синот Пентеј, таткото Кадмо, Дионис, но и Гласникот, сведокот на баханалиите. Значи, Агава е жртвата и средството за одмазда на Зевсовиот и Семелиниот син, која како лик отсуствува до самиот крај. Додека се одвива главниот конфликт на линијата меѓу Пентеј — Дионис, Агава прозборува само во последниот чин, по чедоморството. Но, злочинот го прави во состојба на занес и транс, таа сопствените постапки не е во состојба рационално да ги процесира/обработи и да ги вербализира. Токму затоа, во процесот на развивање на овој текст, во кој гласот и централниот простор ѝ се дава на Агава, се обидовме да го дефинираме коренот на нејзините проблеми и незадоволството. Прашањето од кое тргнавме е: која е оваа жена денес?
Од текстот сосема го отстранивме божествениот, односно митолошкиот аспект и приказната за Агава и Дионис ја поставивме во рамките на трагедијата на животите на обичните смртници. Така, Дионис не сака признание во градот, туку во рамките на семејството кое се откажало од него уште како бебе - тој е човек без идентитет, желен да припаѓа некаде и да биде прифатен. Од друга страна, Агава е самохрана мајка, работничка во фабрика за преработка на текстил, која своето секојдневие го поминува служејќи им на другите дома и на работа. Овие двe осамени единки се препознаваат и се обидуваат да создадат микросвет во кој ќе го добијат она што им недостига. Доаѓањето на Дионис го буди сознанието во Агава дека таа може да биде многу повеќе од невидлива и експлоатирана, подредена жена. Но, нејзиното ослободување носи трагични последици.
Тамара Барачков автор и драматург
Играат: Симона Спировска — Агава; Александар Михајловски — Пентеј, а актерите Григор Јовановски — Дионис, Марија Кеврекиду, Ана Марија Бутниок, Афродита Атанасопулу и Дарја Ризова се со снимени гласови. Режијата ја потпишува Нина Николиќ, сценограф е Ангел Петровски, костимограф е Ивана Каранфиловска-Угуровска, дизајнер на звук е Александар Арсиќ и дизајнери на светло Даниела Атанасова и Горјан Темелкоски.
Претставата е копродукциски проект помеѓу: Перипетија продукција - Скопје, РСМ НУ Македонски народен театар и Градски театар од Јанина, Р Грција. Проектот е поддржан од Министерството за култура на СРМ
Македонски народен театар / Makedonski naroden teatar Симона Спировска Grigor Jovanovski Nina Nikolik