28/12/2025
“The sky above was the color of television, tuned to a dead channel.” (William Gibson, Neuromancer, 1984)
Драги наши,
Под земја дишевме заедно повеќе од една деценија. Во гаражи, во студ, во смог, во бучава, без дозволи и без план Б. Создадовме пукнатина во секојдневието низ која влегуваше култура – гласна, чудна, искрена и непокорна. Фестивалот не беше настан, туку состојба. Колективен здив. Привремено прибежиште.
Фала на сите што беа дел од ова – што дојдоа, што свиреа, што изложуваа, што туркаа и тие што случајно залутаа, а останаа до крај. Фала и на нас што си дозволивме да експериментираме, да грешиме и што не чекавме никој да ни даде зелено светло.
Оставаме зад нас години на валкана уметност, чиста намера, нови начини на гледање и делување. Некои работи се распаднаа, некои се залепија, но сите нè обликуваа. Сега сцената ја оставаме отворена, жива и недовршена – за помладите, похрабрите, понетрпеливите. За тие што допрва ќе рушат и ќе градат под и над земја.
Ние продолжуваме понатаму, во нови авантури, нови форми и со нови прашања. Не го гасиме светлото, само ја менуваме фреквенцијата.
А ако чувствувате дека нешто недостига, тоа веројатно сте вие. Влезете, извалкајте се, оставете трага. Под и над земја, воздух има за сите што се осмелуваат да дишат погласно.
До некој нов синхроницитет, исклучок или глич во матриксот.
Искрено ваши,
Кулаши